Капитенот Никола Ѓорѓиев е најсилната алка во нашиот национален тим, играчот кој како најдобар поентер ги заврши квалификациите за Европското првенство. Во пресрет на дебито на ЕУРО Волеј против Финска, тој не крие дека повеќе мисли на нашата игра отколку на противникот.

„Многу повеќе мислам на нашата игра. Финска имаше многу лошо лето со порази, вратија двајца одбојкари во тимот, еден искусен играч, но тоа е екипа со која може да играме. Сигурно дека е тим кој нема да ни подари ништо лесно, нема да прават глупави грешки, ќе оставаат на нас… се надевам дека нема да го прифатиме таквиот ритам. Ќе мора со една храбра, паметна игра да им се спротивставиме ако сакаме радост на стартот“, вели за СПОРТМЕДИА капитенот Ѓорѓиев.

Што се однесува до нашата позиција во групата Ц и дали оптимизмот дека можеме да се најдеме во следната фаза е оправдан коректорот вели:

„Имаме група со два изразити фаворити, Русија и Словенија, а другите четири екипи се борат меѓу себе за место понатаму. Европско првенство е, нема лоши и слаби репрезентации. Можеби на нас гледаат како аутсајдери, но ние не се гледаме така, одиме да се бориме на секој меч, имаме искуство, одигравме пет Ф4 во Европска лига, заедно сме од 2013 година и имаме право на надеж. Ќе се бориме за втора фаза.“