Ниту вториот ден на Европското првенство во Љубљана не донесе премиерна радост за машката одбојкарска репрезентација, која го претрпе и вториот пораз во групата Ц, овојпат од Турција со 3:0 (25:20, 25:23, 25:13).

Одново истата слика, Македонија борбена, постојано во игра, константно парира и не дозволува противникот да се опушти во ниту еден момент, но кога е најпотребно „паѓаме“… Онаа констатација од вчера дека не губиме на незнаење, туку на неискуство може комплетно да и се направи copy-paste и да се даде и во овој извештај.

Втор натпревар по ред играме без капитенот Никола Ѓорѓиев во полн сјај, со сериозни варијации во игра и без вистинско решение кога е најпотребно. Статистички ниту Финска, ниту Турција не отскокнуваат многу од нас, но кога е пресудно тие се вистински, додека ние се бараме себе си.

По два сета сериозно пркосење, да бидам искрена дури и мислев дека ќе го освоиме вториот, оној блок на Владо Милев ми даде надеж на 22:23, во третиот сет комплетно паднавме. Комбинираше селекторот Никола Матијашевиќ со се што имаше на располагање ама ние никако глава да кренеме од грешки. Проблеми со прием, со реализирација на напад… со сè! Падна и атмосферата во играта, а високите 9:18 на Турција само го најавија убедливиот пораз.