Еден од најискусните одбојкари во нашиот тим, Владо Милев, го има можеби најтрезвеното размислување во селекцијата по двата порази над Турција и Финска во групата Ц во Љубљана на Европското првенство.

Македонија која дебитира на Еуро Волеј се чини дека сама на себе си наметна високи очекувања и имаше големи надежи, но реалноста е сосем поинаква. Мора прво да се плати цената на неискуството.

„Не можеме да бидеме задоволни од резултатот, но во играта има и позитивни и негативни моменти. Вистина, шансата да направиме нешто на ова ЕП ја баравме преку Финска, Турција и Белорусија, два од овие три натпревари загубивме, не е тоа што го очекувавме, но не треба и да го претставуваме како катастрофа.

Разочарување постои, но мислам дека имаме сила да ја кренеме главата и да го дадеме максимумот на следните три натпревари. И претходно велев дека не сме фаворити на ниту еден натпревар и дека нема слаб противник на Европското првенство, но тоа не значи дека не треба да се надигруваме и да бараме шанса за победа. На ваков збиен распоред немаме доволно време да ја анализираме детално нашата игра кога мораме да ги анализираме противниците. Нашата игра ја краси единството и позитивната атмосфера и мислам дека тука мораме да се поправиме, да останеме мотивирани до крај…“, вели Владо Милев за СПОРТМЕДИА.

Македонија денеска игра против Русија, апсолутниот фаворит во групата Ц, кој досега загуби по еден сет и во дуелот со Турција и синоќа против Белорусија.

„Знаеме која е Русија… Претендент за освојување на Европското првенство, бранител на титулата, одлична можност за нас да се пробаме со еден квалитетен противник, кој игра одбојка на едно повисоко ниво од нас и најважно, да го дадеме максимумот. За Русија и нивниот состав нема што да се зборува, имаат кажано сè на секое големо натпреварување“, заклучи Милев.