Актуелниот европски првак, двократниот освојувач на ФИВБ Лигата на нации и тимот, кој веќе има билет за на ЛОИ Токио 2020, Русија, е третиот противник на Македонија во групата Ц на Еуро Волеј во Љубљана, попладнево 17:30 часот.

Колку што звучи моќно на зборови, толку моќно делуваат и на терен Русите, кои низ групната фаза делува дека ќе минат (пре)лесно. Вистина е дека загубија по еден сет во првите два натпревари и од Турција и од Белорусија, но факт е дека дозираат во играта и дека најдоброто го чуваат за елиминациите и битките за медал.

Против еден таков ривал што може да направи дебитант како Македонија!? Може да игра слободно, растоварено и да се проба со една одбојкарска велесила. Друго и ништо не ни останува.

„Со Русија ќе играме одлично, затоа што ќе немаме што да загубиме. Ќе играме слободно, ќе нападнеме со сервис. Ние не губиме поради силни или слаби противници, губиме од наши грешки… Тоа се обидуваме да го поправиме“, вели капитенот Никола Ѓоргиев.