По два дена минати на ЕП во Љубљана работите не изгледаат добро ниту за Македонија, а се чини ниту за организаторот, Словенија. И додека за нас ваквата констатација се однесува резултатски, за нив е организациски, бидејќи во словенечката престолнина како да не се игра Европско првенство.

Ако на првиот ден од Еуро Волеј бевме еуфорични поради дебитантскиот настап на Македонија, а и финските фанови ја „извадија“ ситуацијата и заедно со оние 50-тина наши навивачи направија атмосфера, вчера, на мечот против Турција, „Стожице“ зјаеше празна.

Арената со капацитет од 12.500 седишта, едвај имаше 100-тина луѓе, ако се бројат и оние кои работат на првенството и мораат да бидат во салата. Дури ни кога игра Словенија, салата не е полна… Едноставно Љубљана не „дише“ за одбојка.

Вчера имавме можност да прошетаме низ градот, каде ништо не дава на знаење дека во тек е континентално натпреварување во Арената. Два-три билборди „зафрлени“ се единственото нешто што го видовме за ЕП. Можам да се обложам дека хокеарското првенство кое стартува попладнево ќе биде поголем хит од Еуро Волеј.

Финците се изгледа тие кои ќе ја извадат ситуацијата, бидејќи тие се околу 2.000 навивачи кои имаат допатувано за првенството… За сите останати дуели е пусто и околу салата, па и внатре во неа. Колку за пример вчера пред мечот меѓу Македонија и Турција, фан зоната пред салата беше комплетно празна, а за да наполни барем еден дел од трибините организаторот носеше деца од училишта.