По три одиграни кола во групата Ц во Љубљана, македонските одбојкари имаат слободен ден на Еуро Волеј.

Македонија одигра три натпревари и има три порази во групата (Финска, Турција, Русија), а со оглед на набиениот распоред немаше време да застане и да си сумира дебитантските впечатоци од континенталниот собир.

Затоа денеска е ден за средување на мислите. Селекторот Никола Матијашевиќ на распоредот има тренинг, состанок, видео-анализа и одмор.

„Добредојден е овој ден за одмор, да земеме оддишка, да одмориме, да ги оладиме главите… Треба да сумираме се што ни се случуваше овие први три дена на ЕП. Вчера со Русија голема беше разликата во квалитетот, но секако дека сите подобро се чувствуваме по еден така одигран трет сет. Се надевам дека ова важи и за фановите дома, слушнав дека има многу критики на наша сметка, некоја испревртена вистина, но секој има право да зборува што сака. Мислам дека третиот сет против Русија треба да ни донесе подобра енергија за следните два меча. Штета затоа што ни се ’нудеа’ Русите во тој сет на некој начин, трите последни поени го покажуваат неискуството и ментална слабост, и падот на концентрација да завршиме во наша корист. Во сите други сценарија претходните екипи и земаа сет на Русија… тие паднаа малку и ние тоа требаше да го искористиме, а ние изгубивме три необично поени само од неискуство. Тоа ни фали.

По мечот со Турција имавме еден убав состанок со играчите на кои им кажав дека е најважно да не повториме ниту еден сет како оној последниот со Турција, а против Русија во еден сет успеавме да се искупиме за тоа лошо издание и најважно од се е дека останавме компактни, сложни и не се ’распаднавме’. Сигурен дека оваа екипа ќе игра уште барем едно ЕП и затоа е важно на кој начин и со кој крај ќе биде овој турнир за нас. По само два одиграни меча почнавме со анализи… Треба да бидеме трпеливи и интелигентни, нека заврши групната фаза, па тогаш ќе носиме заклучок за работите“, вели предводникот на нашиот тим.

Во групата Ц денеска покрај Македонија, слободен ден има и Русија која веќе го букираше својот осминафинален билет. Во „Стожице“ ќе се играат два натпревари, Белорусија и Финска ќе се сретнат од 17:30 часот, додека од 20:30 часот Словенија ја пречекува Турција.