Фудбалерите на Милан со минимални 1:0 ги освоија трите бода на тешкото гостување кај Верона. Во меч без многу изгледни шанси, еден гол од пенал го реши победникот.

За Верона овој меч почна исклучително лошо, затоа што уште во 21. минута домашните останаа со играч помалку. Степински доби црвен картон и ги остави домашните на „цедило“.

И покрај бројчаната предност на теренот, Милан не успеа да постигне гол во првите 45 минути. Со само 2 упатени удари кон противничкиот гол, на одмор се замина со стартните 0:0.

Во вториот дел „росонерите“ имаа неколку изгледни прилики, но без реализација. Одлучувачки момент на средбата беше пеналот во 68. минута, кој Полјакот Пјонтек успеа да го претвори во гол за водство и победа на Милан од 1:0. Верона доби изгледна шанса да израмни во 94. минута, но очајно го изведоа слободниот удар кој беше досуден на самиот раб на шеснаесетникот.