Домаќинот на групата „Ц“ на европското одбојкарско првенство, Словенија, ја оствари и третата победа. Вечерва во меч со селекцијата на Турција, Словенците славеа во три сета, не дозволувајќи им на Турците да се понадеваат на дополнителна неизвесност.

Мечот започна со исклучително возбудлив прв сет, кој можеа да го добијат и Турците, но Словенија со поголема смиреност во поените од доигрувањето, успеа да се избори за предност од 30:28 и за стартно водство. Во вториот сет Турција падна во темпото и Словенија лесно успеа да го освои со 25:16 за предност од 2:0.

Турција собра сила во третиот сет и повторно го внесе во неизвесна завршница. За нивна жал, Словенците и овде беа поумешни во финишот и со 25:23 ја обезбедија третата победа во групата, израмнувајќи се на врвот со селекцијата на Русија.