Ако наместо резултатот по сетови се гледаше статистиката на нашите одбојкари во групата Ц на Евро Волеј во Љубљана, тогаш работите ќе изгледаа далеку подобри од овие три натпревари, три порази кои ги имаме сега. Според статистиката по трите одиграни кола Македонија игра одлична одбојка.

Капитенот Никола Ѓоргиев е седми поентер на ЕП со вкупно 35 поени или во просек 3.5 поени по сет. Ѓоргиев квалификациите ги заврши како најдобар поентер, но во класификацијата на финалната рунда е седми.

Александар Љафтов е четврти најдобар примач по три одиграни кола, со 29.85% перфектен прием. Во ова друштво се и либерото Дарко Ангеловски, кој има 21.31% перфектен прием и е шестти на листата, а зад него е Владо Милев со 18.37%.

Средниот блокер Филип Маџунков е втор сервер, со вкупно 11 успешни реализации на сервис, а кога е во прашање ефикасноста тој е на првото место, односно со 28.13%.

Вториот центар, Ристо Николов е на 9. место кај блокерите со шест активни блока. Тој има ист број на блокови колку и конкурецијата од 4. до 8. место на листата, но разликата е во тоа што тие имаат меч помалку.

Организаторот на играта, пак, Филип Деспотовски е трет најдобар техничар. Деспотовски има процент од 31.82% ефикасност во распределбата на топките на своите соиграчи што го смести во топ-3 во оваа конкуренција.

На Македонија до завршувањето на групната фаза на ЕП и преостануваат два натпревари во групата Ц, со Белорусија, утре (20:30 часот) и со Словенија, во вторник (17:30 часот).