Екипата која е најблизу до Македонија според ранкингот на ЦЕВ, Белорусија (22, додека ние сме на 23. место) е претпоследниот противник на нашите одбојкари во групата Ц во Љубљана, вечерва (20:30 часот).

Македонија има три натпревари и три порази (Финска, Турција, Русија) и со само еден освоен сет сме последни на табелата, додека Белорусија е пред нас со два бода, кои ги запиша по синоќешниот тешок меч со Финска, кој го доби по пресврт во пет сетови.

Вчерашната одлична игра на Белорусите наметнува две прашања, дали и тие ќе бидат голем „залак“ за нашите репрезентативци и истовремено, колку брзо ќе успејат да се рехабилитираат од тој тежок меч и да ја повторат истата игра против Македонија денеска.

Тимот на Никола Матијашевиќ имаше ден одмор и ако нешто сака многу силно, тоа е дебитантска победа на ЕП. Нашите момци гледаат шанса со оглед на тоа дека и Белорусите, како и ние, имаат скромно искуство на ЕП, со само две учества, и тоа на последните две првенства во 2015 и 2017, каде настапот го завршуваат како претпоследни, односно на последното место во генералниот пласман.

Белорусија е селекција со која оддамна не сме играле. Двапати сме биле противници во евро-квалификациите, во октомври 1997, кога имаме по една победа од 3:0, а подоцна во јуни 2008 кога исто така сме играле 1-1 во победи (од по 3:2 во сетови). Но, во поновата историја не сме ги измериле силите.