Во Вардар, така барем велат од таборот на нашиот најтрофеен клуб, со нетрпение го очекуваат утрешното скопско дерби на Чаир. Нашиот најтрофеен клуб е во серија од четири победи по ред, тука го сметаме и куп натпреварот со Саса, токму затоа вардарци на чело со стратегот Александар Васоски е под императив за продолжување на победничката серија.

„Па како и секогаш, така и сега, кога играат Шкупи и Вардар на Чаир тоа е фудбалски празник. Полни трибини, голема и жестока борба од страна на двете екипи на теренот. Секако дека ова е големо дерби, старо скопско дерби. Ние се радуваме што повторно ќе играме во вистински фудбалски амбиент, нели фудбалот се игра за публика, и се надеваме на добар натпревар и секако на наша победа. Не криеме дека одиме на Чаир да го освоиме. Е сега дали ќе успееме во тоа ќе се види после натпреварот. Шкупи го респектираме, таму има навистина квалитетни поединци, сега да не ги набројувам и знам дека и тие имаат силна желба да не победат. Во секој случај ќе биде интересно. На крај да кажам дека ќе бидеме хендикепирани со неиграњето на Ибиши и Димовски кои се повредени, но ние сме Вардар и на секој меч мора да се оди на три бода, без разлика кој ќе го облече дресот и ќе истрча на теренот“ изјави за СПОРТМЕДИА Александар Васоски, тренерот на Вардар.