Најпопуларното и највредното европско клупско натпреварување – Лигата на шампиони на УЕФА – вечерва го има официјалниот почеток на новата сезона 2019/20. Меѓу сите анализи за фаворитите за освојување на скапоцениот „Пехар со уши“, секоја година е интересна и анализата за финансиските придобивни за секој од клубовите кои се учесници во оваа главна фаза.

Оваа сезона, приходите на клубовите повторно се зголемени. Имено, УЕФА објави дека оваа сезона во групната фаза од натпреварувањето секоја победа ќе вреди 2,7 милиони евра кои ќе се слеат во клупските буџети. Тоа во превод нзачи дека доколку еден клуб направи максимални 6 победи во групата уште пред нова година ќе инкасира сума од над 16 милиони евра.

Доколку, пак, некој натпревар заврши нерешено, и двата клуба ќе добијат по 900.000 евра, додека за пораз, секако, нема пари од касата на УЕФА. Згора на тоа, клубовите кои ќе се квалификуваат за нокаут рундата, во касата ќе легнат дополнителни премии од УЕФА во висина од 9,5 милиони евра. И на сето ова, да не заборавиме, дека со самиот влез во групите, секој клуб добива по 20 милиони евра од ТВ-права и 15,25 милиони евра за учество во групната фаза.