Домаќинот во групата Ц во Љубљана, Словенија не може да се соземе по 3:1 поразот од Македонија со оглед на тоа дека не само што останува без шансите за прво место во групата, туку има простор и да заврши како трета на табелата, што би значело дека наместо пред својата публика во „Стожице“ ќе треба да патува во Нант за осминафиналниот дуел.

Не можеа ниту селекторот Џулијани, ниту одбојкарите да си дојдат на себе по одбојкарската лекција која ја добија од Македонија, но стојат на тврдењето дека не не потцениле.

„На Македонија треба да и се честита. Одигра одлично, агресивно и борбено во одбраната. Ние не бевме на потребното ниво, не ја игравме нашата игра и тврдам дека не го потценивме противникот. Сите играчи кои ги имав на располагање ги искористив но тоа не донесе промена во играта. Ова е нов момент за нас, не можеме да играме добро на секој натпревар, не можеме да победуваме на секој натпревар… Се надевам дека утре ќе ја израдуваме публиката против Русија и ќе се искупиме за овој пораз“ – изјави по мечот селекторот на Словенија, Алберто Џулијани.