По историската победа над Белорусија на Еуро Волеј вчера, македонските одбојкари попладнево, 17:30 часот против организаторот Словенија, го играат последниот меч во групата Ц во Љубљана.

Трите бода од премиерниот триумф ја оставија подотворена вратата за Македонија за патот кон осминафиналето и доколу попладнево ја победиме Словеенија, а коцките се наместат, тогаш екипата продолжува во Нант, во спротивно момците се збогуваат од ЕП.

„Со ’срце на терен’ против Словенија… мислам дека ќе играме одлично денеска. Како тече првенството ние се повеќе и повеќе ја креваме формата, повеќе и повеќе се чувствуваме на теренот и сме заедно и мислам дека и против Словенија ќе понудиме одлична претстава. Против нив секогаш сме играле одлично, не се сомневам дека ќе имаме и одлична атмосфера со полни трибини, а во таков амбиент ние играме најдобро“, заклучи капитенот Никола Ѓоргиев.

И колку што од една страна делува преоптимистички да се надеваме на победа над домаќинот, толку од друга тоа е и реално, особено ако се земе предвид како одбојкарите играа вчера. Словенците се противник со кој одлично се познаваме и со кој можеби и најмногу сме играле. Од европски квалификации, во кои имаат скор од 5-1 во победи (но две од нив се со 3:2 резултат), преку квалификациите за СП кога загубивме со 3:0, па до финале на Ф4 во Европската лига, каде одново претрпевме максимален пораз.