По дебаклот на штотуку завршеното светско првенство во Кина, во САД се мобилизираат за да не им се повтори епидемијата на отсуства од националниот тим и на ЛОИ во Токио следната година. Уште деновиве се прават списоци на кошаркари на кои Американците сметаат како членови на тимот кој ќе ја преставува земјата на престојната Олимпијада.

Еден од најдобрите бекови во светов, кошаркарот на Голден Стејт Вориорс, Стивен Кари, изразил подготвеност да игра за репрезентацијата на Олимписките игри во Токио. Тој ја потврди својата желба, забележувајќи дека никогаш не учествувал на Олимпијадата и нема да пропушти да биде дел од овој настан, иако ова лето не беше со САД на СП.

„Да, таков ми е планот. Знаете, да чукнеме во дрво. На крајот на краиштата, не сакам повреди или нешто слично за да ме оддалечи од планот да играм на ЛОИ. Никогаш не сум бил член на олимпискиот тим. Играв двапати во екипи кои освојуваа златни медали на светските првенства, но Олимпијадата е едно поинакво искуство, затоа сакам да играм“, изјавил бекот на Вориорс.