Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев по пет одиграни натпревари во групата Ц на Европското првенство во Љубљана изби на лидерската позиција кај поентерите со 96 поени.

Нашиот коректор не го води само желбата за победа и историски успех, туку најголемата инспирација и мотивација ја има на трибините во Љубљана, неговата ќерка Марија, со сопругата Дани, како и неговите родители.

„Експлозија“ му се случи на капитенот на последните два натпревари, 37 поени против Белорусија и 24 против Словенија, а секој од нив е посветен на една личност.

„Таа е мојата бескрајна инспирација и мотивација. Благословен сум и благодарен, секој поен е за мојата ќерка Марија“ – изјави Никола Ѓоргиев.

Семејството е во словенечката престолнина од самиот почеток на ЕП и ќе продолжат да го следат националниот тим на Македонија, во кој покрај Никола е и помалиот брат Ѓорѓи и ќе патуваат и за Нант, ако вечерва одбојкарите го осигураат местото во осминафиналето.