Одбојкарската репрезентација на Македонија го одработи своето, односно запиша две победи во групата Ц, против Белорусија и Турција, но за да може нејзиниот пласман во осминафиналето да биде и заверен останува да се чека исходот од денешниот натревар меѓу Турција и Финска.

Белорусија синоќа не успеја да ја победи Турција и со тоа ја искомплицира нашата ситуација во групата Ц. Не остави да се „тресеме“ до последен момент дали нашите одбојкари ќе влезат меѓу 16 најдобри на првенството и дали ќе ги видиме и во Нант.

Турците се веќе сигурен патник во следната фаза, но им останува да го одиграат мечот против Финска вечерва (20:30 часот) во кој и ние ќе навиваме за нив. Потребно е Турција да победи (со било кој исход) за да останеме меѓу најдобрите четири во групата Ц. Било кое друго сценарио (победа на Финска од 3:0, 3:1 или 3:2) ќе биде погубно за нас. Финците ќе фрлат се на една карта, затоа што знаат дека со победа на овој меч пак, тие ќе се најдат на местото на Македонија.