Ракометарите на Вардар дојдоа до третиот Суперкуп пехар во низа откако во мечот во Куманово вечерва со 26:24 (16:10) го победија освојувачот на Купот на Македонија, Металург.

Сергеј Горбок и Тимур Дибиров со по 6 гола го водеа Вардар кон одбрана на Суперкупот, но и првиот трофеј во новата сезона, додека во редовите на Металург Додиќ со 5 погодоци и Јагуриновски со 4 гола беа најефикасни.

Вардарци беа фаворити, а отпорот на Металург траеше 15-тина минути, 6:3, по што следуваше серија со која „црвено-црните“ дојдоа до висока предност од 11:6, 14:7, односно 16:10 на полувремето.

Со мини серија на Металург се обиде да се врати на стартот на вториот дел (16:13), но не можеа да минат „металурзите“ низ „џиновската“ одбрана на Калараш и Кристопанс, како и Кугис на голот, па на крајот единственото што можеа е да имаат помалку болен пораз.

Давид Писонеро комбинираше во второто полувреме и им даде шанса на скоро сите ракометари кои ги имаше на располагање, како последна проверка на силата пред мечот со Порто в недела во Лигата на шампионите во Скопје.