Димитар Бербатов еден од најголемите бугарски фудбалери во поновата историја донесе одлука да стави точка на својата играчка кариера. Некогашниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и на Тотенхем објави дека после едногодишна пауза од фудбалот донесе одлука да се откаже од фудбалот, но и дека сигурно ќе остане во фудбалот.

Бербатов не случајно го одбрал денешниот датум за да се откаже од играњето на фудбал. Пред точно девет години тој реализира хет-трик за Манчестер Јунајтед во дуелот со Ливерпул.

Ми кажаа дека треба да направам нешто посебно. Да кажам јавно дека се збогувам од фудбалот. Па еве тоа го правам. После 20 години на фудбалските терени, прекинувам со активното играње на фудбал. Ќе ми недостасуваат тренинзите, головите, подготовките, соиграчите, вревата на фановите… Освојував трофеи, давав голови. Играв со големи играчи. Играв на мој начин и погодував така како што јас сакав. Знам дека на некои тренери им беше тешко да работат со мене, но сакам да кажам дека секогаш сум давал се од себе за екипите за кои сум играл. Се надевам дека ве воодушевував со своите настапи и голови“, напиша Бербатов меѓу другото на својот профил на „Инстаграм“.

Бербатов е јуниор на Пирин, а во професионалниот фудбал влезе на 17 години во ЦСКА Софија.

На 20 години прави трансфер во Баер Леверкузен, а од таму се сели во Тотенхем, па во Манчестер Јунајтед . До крајот на кариерата играше уште за Фулам, Монако, ПАОК и Керала Бластерс.