Пишува: Весна Николовска

Премиерниот настап на едно Европско одбојкарско првенство, машката репрезентација на Македонија го заврши на 17. место, или како петто пласирана во својата група со шест бода, односно биланс од три порази, две победи, седум освоени и 11 загубени сета. И имавме отворена врата за осминафиналето и нов, неверојатен, историски успех, но ниту среќата, ниту математиките не „одиграа“ за нас… Точно седум дена го живеевме сонот!

И колку што ми е мака што коцките не се вклопија и не играме во осминафиналето, толку ми е кејф и толку сум горда на вас, што така блескавте. И не само јас, сите, луѓе од спортот, од одбојката, наши луѓе, некои непознати…нацијата.

Не го отворивте првенството како што сакавме и се надевавме, ама нека ми каже дали има некој кој дебитирал на ЕП без да му се тресат рацете и без да има трема… ама сите сме експерти од страна. Во вашиот случај некако голем дел од „експертите“ беа молчаливи и тивки, или, пак можеби тоа се должеше на фактот дека никој немаше големи очекувања, а вие си го наметнавте притисокот самите на себе си.

Но не беше лошата игра во прашање, затоа што гиневте и оставивте срце на терен во секој меч, разликата ја направија нијансите, неискуството од настапи на големите натпреварувања…

Кога како сите да кренаа раце и рекоа, тоа е тоа, барем игравме на ЕП, е тогаш се појавија оние вистински момци, оној инает кој го знам, оној Нико капитен кој не може да биде запрен, одличниот Љафтов, Милев, кој мислам дека игра во форма како никогаш досега и кој донесе таква стабилност и искуство во тимот, Деспотовски, кој мозок им „испи“ и на Белорусите и на Словенците, Николов, кој не можам ни да замислам какво играчиште ќе беше ако не му требаа четири години за да се реши да се врати онаму каде што навистина припаѓа… Маџунков во полн сјај, Ангеловски, Михаилов, Николовски… нема да трошам веќе зборови. Го живеевме сонот и ви благодарам за тоа!

Се враќате дома како 17-ти во Европа, но со крената глава и со полни срца… Секој извештај го пишував со насолзени очи, без разлика дали беше победа или пораз, секој поен за мене беше историја, гордост, храброст, љубов… Вие сте добри момци, ние не се откажавме од Вас, а Вие не направивте неизмерно среќни и заслужено си добивте статус на нови национални херои.