Во Тиквеш владее релаксирана атмосфера пред вечерашната битка за Истокот. Битка во која во Штип се среќаваат Брегалница и Тиквеш. Кавадарчани, барем според зборовите на тренерот Љупчо Димитковски, не се под никаков психолошки притисок.

„Искрено овој натпревар за Тиквеш е како и сите останати, ова за нас е обичен меч. Медиумите, јавноста, фановите на двете екипи, што е сосема разбирливо, наметнуваат притисок со своите очекувања врз двете екипи. Но тој притисок е на страната на Брегалница, штипјани нека му ја мислат. Без разлика како ќе се заврши ова дерби, за Тиквеш ќе биде сеедно. Секако дека сакаме да победиме, барем да не загубиме, спортски е да се надеваш, но реков ние сме максимално релаксирани“.

БРЕГАЛНИЦА И ТИКВЕШ СЕ ГОЛЕМИ КЛУБОВИ

„Со оглед на тоа дека Брегалница е домаќин, по автоматизам е и фаворит. Тука нема дилеми. Инаку јасно е дека се очекува спектакл, се очекуваа полни трибини, терминот е одличен и невообичаен кога станува збор за второлигашки меч. И Брегалница и Тиквеш со својата големина, со буџетите, со играчите кои ги има, со очекувањата и амбициите побудуваат голем интерес. Ќе има тактика, штипјани имаат прволигашки играчи, посебно ги ценам Пепи Георгиев и Стојанче Велинов, но и останатите може да ни направат проблем. На крајот сакам да кажам дека очекувам голем натпревар, вистински дерби натпревар, па нека победи подобриот што се вели, се надевам дека тоа ќе биде Тиквеш“ изјави за СПОРТМЕДИА стратегот на Тиквеш.