Само неколку недели откако ја воодушеви шпанската и светската фудбалска јавност со своите настапи за Барселона, 16-годишниот Ансу Фати сега го презема следниот голем чекор кон успешна меѓународна кариера.

Како што пренесуваат шпанските медиуми, Фати се решил да ја прифати понудата на Шпанската фудбалска федерација и во иднина да настапува за репрезентациите на Шпанија, а не на својата татковина Гвинеја-Бисао. Како што објавија медиумите на Пиринеите, денеска Фати ќе биде натурализиран и ќе го добие шпанскиот пасош.

Причина за ова брзање на Шпанците е  учеството на Фати на светското првенство за играчи до 17 години кое почнува на 26 октомври. Најдоцна до идната среда, Шпанија мора да го објави прелиминарниот список на патници на Мундијалот, па затоа Шпанците бараат начин брзо да му го дадат пасошот на младиот фудбалер на каталонците.