Борец и Работнички попладнево во Велес одиграа 1:1, во еден интересен натпревар, а на моменти и квалитетен. Па така по Вардар, Шкендија и Работнички не успеа да го освои целиот плен на теренот на новиот прволигаш. Желбите и амбициите на двете екипи беа победнички, така и тргнаа, но на крај мораа да се задоволат со по бод. Овој меч имаше ритам, имаше интензитет на задоволство на сите гледачи на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес, а Борец се чини дека може повеќе да жали за останатите два бода.

Првиот дел мина во допадлива игра со два гола, по еден на двете страни. Работнички поведе во 13.минута по одличната акција на Шаркоски по десната страна, нафрли пред голот а таму Борха го погоди празниот гол. Неколку минути подоцна Борец преку Пеев, екс играчот на Работнички, можеше да израмни, но се истакна Шишковски кој спаси чист гол. Но во 23.минута не успеа Шишковски, Ѓоргиев постигна убав гол за израмнување. Со тие 1:1 се замина на пауза.

ВЕЛЕШАНИ СЕ ОТВОРИЈА…

Во вториот дел, барем до таа 70.минута домашните фудбалери ја подотворија играта, тргнаа поамбициозно кон гостинскиот гол. Имаше и неколку удари, најопасни по голот на Шишковски беа Абаз, Христвов и Прелчец, но гол немаше. И во финишот ништо ново, Борец беше тој што ги посакуваше и другите два бода, Рабитнички се ориентира да го сочува тоа реми. На крајот така и беше, мечот заврши со тие 1:1, резултат од првиот дел.

БОРЕЦ – РАБОТНИЧКИ 1:1 (1:1)

Стадион „Зоран Паунов“ во Велес. Судија: Петар Мантев (Неготино). Стрелци: Ѓоргиев 23. (БОР), Борха 13. (РАБ). Ж. Картони: Гавриќ, Пеев (БОР), Тодоровски, Илиќ, Борха, Тошевски, Стојков (РАБ).

БОРЕЦ: Ѓоргиевски, Пеев, Стојковски, Ѓоргиев, Коцев, Прелчец, Абаз (77.Николовски), Ефтимов, Гавриќ, Христов, Ристовски (85. Петров).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Велковски, Илиќ, Петковски (66. Јусуфи), Ацковски, Стојков, Борха, Јаго (83. Пановски), Тодоровски, Тошевски (87.Паповиќ), Шаркоски.