Од Вардар секогаш се бара победа, тоа е едно „непишано правило“, но навистина е изненадувачки она што го прави „црвено-црниот“ состав, особено ако се има во предвид тимот со кој располага најтрофејниот македонски клуб. Вардарци одново имаат перфектен септември, односно ја имаат повторно серијата од пет победи по ред, истата онаа која беше во минатиот септември. Но во минатиот септември екипата беше далеку поискусна, со Битанг, Лира, Манев…

Сепак, Вардарци и овој пат остварија серија од пет победи по ред, благодарение на која се искачија на врвот на табелата, каде што беа овој период ланската сезона.

Меѓутоа за избраниците на тренерот Васоски, сега доаѓаат тешки натпревари. Најпрво со Академија Пандев, па со Шкендија, каде што ќе се знае дали овој Вардар е „зрел“ да се бори за највисок пласман. Многумина не веруваа, но овој тим иако составен од млади играчи, со „тенка“ клупа покажа дека е конкурентен да биде дел од врвот иако имаше лош почеток на сезоната, и без победа во првите две кола.