Хуан Алвес Рибеиро Фелипе попладнево на Арената „Тодор Проески“ за првпат ќе игра против „својот“ Вардар. За првпат ќе сака да му даде гол на „својот“ довчерашен клуб, да ги дигне рацете во знак на триумф, како само тој знае да го прави, против Вардар.

Секако нема да му биде сеедно, на фановите на Вардар уште помалку. Па тој до пред три месеци им беше нивни херој, нивни љубимец, во него се „крстеа“, веројатно во изминатите 3-4 години од ерата на Самсоненко тој беше најдобриот фудбалер на Вардар, или еден од најдобрите.

Но денеска тој ќе биде на другата страна, ќе го носи „црвено – црниот“ дрес, но оној на шампионот, на Шкендија. Кога во јули потпиша за Шкендија, за лутиот ривал на Вардар, кога од Скопје „побегна“ во Тетово и тоа поради подобра понуда, тој негов потег ги шокираше вардарци кои си рекоа-„Зарем и ти сине Бруте“- но таков е фудбалскиот живот,  вчера беше во Вардар, денеска во Шкендија, а утре којзнае каде…

„Комитите“, сите фанови на Вардар му го немаат заборавено тоа на Бразилецот, секако дека попладнево на Арената Фелипе жестоко ќе биде пречекан, не се сомневаме дека на секој допир со топката ќе следуваат салва свирежи. Тоа ќе му даде уште поголем шмек на големото дерби, на мега – дербито, на супер – дербито меѓу Вардар и Шкендија. Прв меч од 1/8 финалето во Купот на Македонија. 

Ако Бесир Демири ги налути „балистите“, тогаш што да се каже освен дека трансферот на Фелипе ги разгневи „комитите“.

А што ако во блиска иднина еден Бесарт, Агим или Буба потпише за Вардар….или па Гачевски се пресели под Шара?

Се е можно, никогаш не треба да се каже никогаш…