Од денеска па до 6. октомври ќе се одржи 17-тото Светско првенство во атлетика. Домаќин на овој собир на најдобрите атлетичари во светот е Доха, Катар. На овој мундијал учество ќе земат нешто помалку од 2000 атлетичари од 210 држави распределени во 49 дисциплини или поточно по 24 дисциплини во машка и во женска конкуренција, плус мешана штафетна трка 4х400.

СП ќе се одржи на ултамодерниот стадион „Калифа“, а доколку е потребно ќе се користат и современи разладни системи. Иако надвор од стадионот е екстремно топло, температурата достигнува и преку 40 степени целзиусови, на патеката се постигнуваат оптимални температури од 25 степени целзиусови. Организаторите најдоа решение и за маратонот во женска и машка конкуренција, па место во дневен термин за првпат ќе се трча ноќе.

Да кажеме дека на ова светско првенство ќе ја нема двојната олимписка шампионка и светската првенка на 800 метри Кастер Семенаја која е суспендирана поради високо ниво на тостестерон. Швајцарскиот суд ја одби нејзината жалба и таа не е на списокот на учесници.

Поради повреда Јужноафриканецот Вејд ван Ниекерк нема да настапи на атлетскиот мундијал на 400 метри. Тој е Олимписките игри во Рио во 2016 година и двоен светски шампион од Лондон 2017 и Пекинг 2015.

Фаворити во најинтересните дисциплини:

100 МЕТРИ, 200 МЕТРИ, 4х100 МЕТРИ ШТАФЕТА

КРИСТИЈАН КОЛМЕН (САД), ЏАСТИН ГЕТЛИН (САД), НОА ЛАЈЛС (САД), ФРЕЈЗЕР-ПРАЈС (ЈАМАЈКА)

23-годишниот Кристијан Колмен го сврте вниманието годинава со најбрзо време на 100 метри (9,81 секунди). Ако успее да го повтори тоа ќе го освои златото. Во трката на 100 метри за блескавото одличје ќе мора да го победи бранителот на титулата Џастин Гетлин и Ноа Лајлс, а на 200 метри токму Колмен и Лајлс ќе бијат битка за првото место. 22-годишниот Лајлс во јули во Лозана постави личен рекорд од 19.50 секунди и има намера повторно да истрча толку.

СЛИКА – ЛАЈЛС И КОЛМЕН

Во женска конкуренција на 100 метри Шели-Ен Фрејзер-Прајс ќе го брка рекордното четврто злато на 32-години. Две години паузираше поради раѓањето на синот во 2017 година. Ќе видиме колку ќе може.

400 МЕТРИ СО ПРЕПРЕКИ

Тука број 1 за златото е Норвежанецот Карстен Вархолм. Тој е втор на листата на најбрзи атлетичари во оваа дисциплина (46.92), а нема да бидеме изненадени ако успее да го собори и светскиот рекорд поставен од Американецот Кевин Јанг (46.78 секунди) во 1992 година.

1500 МЕТРИ

Трикратниот шампион на Дијамантската лига, Кениецот Тимоти Чериот се надева дека ќе ја освои првата Светска титула на 1500 метри. Тој е во добра форма и ако нема некое изненадување би требало да го земе златото. Има осум победи од девет трки по ред, а неговиот рекорд во оваа дисциплина во 2019 година е 3:28.77. Ќе треба да се потруди за светски рекорд затоа што тој изнесува 3:26.00 и е во сопственост на легендата Хичам Ел Геруж поставен во Рим во 1998 година.

ТРИСКОК, СКОК ВО ДАЛЕЧИНА И СКОК СО СТАП

Американеците Кристијан Тејлор и Вил Клеј се фаворити за златото во трискок. Тејлор е трикратен светски првак во оваа дисциплина, а ако успее и четврти пат да го освои најблескавото одличје тој ќе биде првиот атлетичар на кого му успеало тоа.

СЛИКА – КРИСТИЈАН ТЕЈЛОР

Само Сергеј Бубка има подобри резултати во однос на Американецот Сем Кендрикс во скок со стап. Кендрик со скок од 6.06 метри победи на американскиот шампионат во јули, има бронза од ОИ во Рио, а победи на СП во 2017. Сега ќе оди на уште едно светското злато. Конкуренција му се Французинот Рено Лавилењ (светски рекорд во скок со стап поставен во сала – 6,16 метри), Швеѓанецот со американски корени Мондо Дуплантис и Полјакот Пјотр Лисек.

Од Кубанецот Хуан Мигуел Ечеварија се очекува без проблем да триумфира во скок во далечина. 21-годишниот атлетичар имаше одлични перформанси во изминатите две години. Тој дури има подобри скокови од легендата Мајк Пауел кој постави рекорд светски рекорд со скокот од 8.95 метри на СП во Токио во август 1991 година. Сепак ќе мора тоа да го направи на големата сцена.

ПОЛНОЌЕН МАРАТОН

На СП во Доха ќе се одржи полноќен маратон. Поради високите температури организаторите го сменија терминот на одржување на оваа дисциплина која ќе се трча во вечерните часови (по локално време) кога е поладно.

Фаворити за победата се Кениецот Елиуд Копчоге и Етиопјанецот Мосинет Геремев, додека во женска конкуренција очвекуваме победа на Лелиса Десиса од Етиопија .