Од денеска па до 6. октомври ќе се одржи 17-тото Светско првенство во атлетика. Домаќин на овој собир на најдобрите атлетичари во светот е Доха, Катар. На овој мундијал учество ќе земат нешто помалку од 2000 атлетичари од 210 држави распределени во 49 дисциплини или поточно по 24 дисциплини во машка и во женска конкуренција, плус мешана штафетна трка 4х400.

Македонија на овој шампионат има само еден учесник, во моментов најдобриот наш атлетичар Јован Стојоски кој е пријавен на трката на 400 метри. 21-годишниот Стојоски доаѓа на СП со личен рекорд во оваа дисциплина од 46.92 секунди поставена во јуни оваа година во Охрид. Секако вистински подвиг е ако успее да го урне прво сопствениот, па потоа и македонскиот рекорд во оваа дисциплина на покојниот Исмаил Мачев од 1983 година и кој изнесува 46.27 секунди.

Стојоски ќе стартува на 1. октомври за кога е закажана првата квалификациска рунда.

Да кажеме дека актуелниот светски рекорд на 400 метри изнесува 43.03 секунди кој го држи Јужноафриканецот Вејд ван Ниекерк на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Поради повреда тој нема да настапи на атлетскиот Мундијал.