Дербито на 8.коло во ПМФЛ се игра попладнево на Арената во Скопје, со почеток од 15 часот. Се среќаваат Вардар и Академија Пандев, моментално првиот и вториот на табелата.

Нашиот најтрофеен клуб е во налет, има пет победи во серија и не крие дека ја посакува шестата. Интересно е тоа што секоја чест за струмичани, но тие според традицијата се стари „пациенти“ на Вардар.

На досегашните осум првенствени меча ниту еднаш не славеле триумф, ниту дома, уште помалку на гости. Четири победи и четири ремија е билансот кога играле досега Вардар и Академија Пандев, гол разлика е 14:6 за „црвено – црните“.

За Вардар е многу важно да дојде до три бода со цел на неделното гостување кај Шкендија да патува со +9 бодови во однос на шампионот.

Сепак „академците“ се единствената екипа која досега нема пораз во тековниот шампионат, знаат дечките од Струмица и тоа како да одиграат против секого, па ќе имаме можност да видиме едно убаво дерби, нека биде како што беше вчера на Чаир, нема да имаме ништо против.