Трка број 16 во Формула 1 шампионатот и 11 триумф на Мерцедес на руското ГП на патеката во Сочи. Деветта победа на Луис Хамилтон со што е прекината триумфалната низа на Ферари чии возачи Леклер и Фетел ги добија претходните три трки во Белгија, Италија и Сингапур.

Ботас имаше 3.829 секунди послабо време од победникот, а Леклер речиси 5 секунди задоцнување во однос на победникот. Четврти заврши Макс Ферстапен иако тргна од позиција број 9, а на петото место Албон, двајцата од Ред Бул.

Хамилтон го имаше и најбрзиот круг во Сочи од 1:35:761 минути.

Британецот ја оствари 82 победа во кариерата, а четврта на ГП Русија.

Леклер се избори за пол-позиција меѓутоа по денешниот старт ја изгуби, по првата кривина на чело изби неговиот тимски колега Себастијан Фетел. Германецот иако имаше инструкции од тимот да го препушти водството на колегата, а тој да му го чува грбот од Мерцедесите, сепак, реши да ја искористи шансата и да избие на првата позиција. Го направи тоа, меѓутоа го забави колегата кои беше претекнат и од Хамилтон и од Ботас.

А на Фетел му се стемни кога во 28 круг поради дефект на болидот мораше да се откаже, па водството го презема Хамилтон, а зад него беше колегата Ботас кои во тандем го држеа на дистанца Леклер на третото место. Британецот јуришаше кон целта, додека Ботас му го чуваше грбот не дозволувајќи му на возачот на Ферари да направи чудо во завршницата на трката.

Освен Фетел трката од најразлични причини не ја завршија Кубица, Расел, Рикијарди и Грожан излетаа уште на стартот.

Во генералниот пласман Хамилтон има 322 поени, Ботас освои 249, а трет е Леклер со 215. До крајот на шампионатот останаа уште пет трки, а следната е во Јапонија на 13 октомври.