По вторпат во историјата, одбојкарската репрезентација на Србија е европски шампион во машка конкуренција. Машкиот тим на нашиот северен сосед ги обедини титулите на Стариот континент, откако денеска во финалето на ЕуроВолеј во Франција, со 3:1 (19:25, 25:16, 25:18, 25:19) ја совлада селекцијата на Словенија. Србија пред само неколку недели се радуваше и на женското европско злато, откако Србинките на ЕП во финалето беа подобри од Турција со 3:2.

Денеска во финалниот дуел во Париз, Словенците почнаа одлично и успеаја да го освојат првиот сет со прилично убедлива предност – 25:19. Ова беше како „црвен аларм“ за Србија, која во следните три сета, просто не им даде шанса на Словенците да се понадеваат на сензација. Европскиот шампион од 2011 година одигра одлични три сета со мал пад во последниот сет, кога и многу порано можеа да ја завршат дилемата околу новиот европски владетел.

За Словенија ова е второ сребро од европските првенства, откако пред 4 години исто така во финалето беа поразени, тогаш од Франција со 3:0.