Бриж изненадувачки води по првиот дел во Мадрид со 2:0, додека Аталанта и Шахтјор постигнаа по еден гол (1:1) и во вториот дел ќе решаваат околу победникот на првите две денешни средби од 2. коло во ЛШ.

Со извонредна тактика и концентрирана игра на средината на теренот, Бриж комплетно го „уништи“ Реал во првото полувреме на „Бернабеу“ и успеа да направи неочекувано висока предност пред решавачките 45 минути на средбата. Со двата гола на Денис (од кој првиот беше по проверка на ВАР системот), Белгијанците потврдија дека со добра тактика, можат да им парираат и на големите ѕвезди на шпанскиот гигант. Реал тешко успеваше да ја пробие згуснатата и многу компактна средина на Бриж и освен во два наврати кога Бензема пропушти шанса за гол, Бриж со контри и полуконтри беше исклучително опасен, што го потврдуваат и двата гола.

Аталанта, пак, доминираше во првите 30 минути во Милано приотив Шахтјор. Иличиќ пропушти шанса за водство во 16. минута кога промаши пенал, но доминантната игра на домашните даде резултат во 28. минута со голот на Запата. Потоа домашните како да запреа, а се разбудија гостите од Украина. Конечно Шахтјор заигра фудбал, а ефектот беше израмнувачки гол во 41. минута преку Мораеш. Во втората минута од продолжението, Мораеш од слободен удар ја затресе и пречката од домашниот гол, но остана само 1:1. Ова е одлична најава за возбудливи полувремиња и на двете средби.