Последните две засилувања во таборот на ОК Вардар во пресрет на новата сезона исто така доаѓаат од редовите на националниот тим, па така Филип Маџунков и Стојанчо Илиев се новите „црвено-црни“ одбојкари.

Двајцата официјално го облекуваат вардаровиот дрес сезонава и ставија потпис на договори со важност на една плус една година.

По Васе Михаилов, искусниот Јовица Симовски, српскиот интернационалец Лазар Мочиќ, како и ангажирањето на организаторот на играта од Јапонија, Сун Ватанабе, со овие две имиња Вардар го заокружува ростерот за новата сезона.

Тие вчера му се приклучија на тимот, кој активно ја темпира формата за новата сезона во која не само што ќе ја брка двојната круна на домашната сцена, туку ќе дебитира и во Челинџ купот.

За време на ЕП, некомплетни, вардарци настапија на турнир во Крагуевац, на кој во полуфиналето претрпеа пораз од домакинот, додека во мечот за третото место со 3:2 ја совладаа Рибница.

Во првата контрола на домашен терен со 3:1 загубија од Млади Радник.

Вардар во комплетен состав, в четврток патува на пријателски меч во Сливница, Бугарија, додека в сабота ќе го пречека Будуќност. Екипата чека потврда и за тридневно гостување во Будва, каде викендот 11-13 октомври ќе одигра пријателски средби со црногорскиот тим.