МЗТ Скопје на домашен терен ја отвара втората сезона во АБА 2-лига, вечерва (19 часот) во СЦ „Јане Сандански“ гостува Слобода Тузла, влезот за овој дуел е слободен.

Главна цел на македонскиот првак е пласман меѓу четирите најдобри екипи во второлигашкото јадранско натпреварување, а потоа со мала среќа и нова финална битка, која лани за жал не успеа да ја добие.

Тимот од Аердром велегува како фаворит, но тренерот Ѓорѓи Кочов вели дека морат да бидат претпазливи, добриот скор во подготовките не значи ништо, ако тоа не го потврдат на теренот.

„Задоволен сум од подготовките, од ден во ден напредувавме како тим. Сепак, победите во пријателските мечеви не значат ништо посебно, бидејќи официјалните дуели се секогаш нешто друго. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов на вчерашната прес-конференција.