Првиот пораз во групната фаза од СЕХА лигата Еурофарм Работник го претрпе вечерва (25:24) на гостувањето кај ППД Загреб. Но за „фармацевтите“ овој пораз беше како дежа-ви, петти пораз сезонава вкупно со еден гол негатива.

„Му честитам на ППД Загреб за победата и фер-плеј и на мојот пријател Веселин Вујовиќ за првата победа по враќањето на клупата на Загреб. Ова беше тежок меч за нас. Петти сезонава кој го губиме со само еден гол разлика. Мора да работиме напорно и да бидеме подобро во следните натпревари“, изјави стратегот Стевче Алушовски.

За бекот Јотиќ враќањето во Загреб беше враќање дома…

„Убаво е да се биде повторно во Загреб, иако да бидам искрен малку ми беше чудно да играм против поранешните соиграчи. Ова беше тежок меч, Загреб одигра одлично во 5-1 одбрана и водеше во најголемиот дел од второто полувреме. Успеавме да им се доближиме на крајот, но не доволно. Ова е петти пораз со еден гол разлика сезонава, тажни сме поради тоа што не успеавме да извлечеме барем реми. Сега мора да се фокусираме на следниот меч со Мешков Брест“, истакна Ловро Јотиќ.