Адис Јаховиќ синоќа го одигра најдобриот натпревар во кариерата. Ја предводеше својата Малатија до победа над Денизли со 5:1, а тој постигна четири гола од кои два од пенал и два од игра. Интересен беше последниот кога го измрда својот чувар и со мудар удар го измами противничкиот голман.

Јаховиќ е првиот фудбалер на Малатија кој постигнал четири гола на еден натпревар во Супер лигата. Со својот подвиг ги наполни страниците на турските весници, тој е хит во турските спортски интернет портали, но и светските кои не пропуштија да ја пренесат веста дека македонскиот голгетер дал четири гола на еден меч…

А и малкумина можат да се пофалат дека постигнале четири гола на еден натпревар во најсилната турска лига. Тоа го направиле уште двајца играчи во новиот милениум. Пред две сезони францускиот напаѓач Бафетимби Гомис во дресот на Галатасарај реализираше четири гола во победата над Карабук од 7:0. Разликата е што францускиот играч сите ги постигнал од игра.

Бразилскиот напаѓач Фернандао беше најдобар стрелец во лигата со 22 гола во сезоната 2014/15. А таа сезона тој реализирал четири погодоци на дуелот со Карабук, а тој како и Адис два постигнал од пенал.

Сепак, апсолутниот рекорд во турската Супер лига е пет погодоци на натпревар. Такво нешто направиле тројца играчи. Шота Арвеладзе во дресот на Трабзон против Есхишехир во 1995/96, потоа Марио Жардел за Галатасарај против Ерзурум во 2000/01 и Алекс да Соуза за Фенербахче против Анкарагучу во 2010/11.

Сепак, Јаховиќ е во одбрано друштво и секако го стави своето име во книгите на рекорди на Малатија и на Супер лигата.

Адис оваа сезона има седум гола во седум натпревари плус три во четири натпревари во Европа. Вкупно 10 гола во досегашниот дел од сезоната.