Европска премиера со победа имаа ракометарите на Бутел, кои со 18:14 (8:7) го совладаа украинскиот првак ЗТР Запорожје во првиот меч од 2. квалификациско коло во ЕХФ купот, во СРЦ „Кале“ во Скопје.

Македонскиот претставник им го зададе првиот удар на Украинците и со активен резултат ќе го чека реваншот за една недела во Запорожје, за опстанок во второто по квалитет европско клупско натпреварување. Бутел вечерва испиша историја и во својата премиера дојде до голема победа.

Иако им беа потребни повеќе од пет минути за да го постигнат првиот погодок сепак ракометарите на Бутел, европската трема брзо ја „разбија“ и по изедначените 3:3 во средината на полувремето преку Ѓоргиевски, Мајиќ и Василевски за првпат се најдоа на три гола предност, 6:3.

Украинците беа изразено агресивно во одбраната и токму тоа беше причината за серија исклучувања во противничките редови кои само му одеа во прилог на Бутел, кој ја држеше предноста од гол-два разлика, за со минимални 8:7 да замине на полувреме.

Со добра одбрана и мирен напад одново дојдоа до +3 (10:7) ракометарите на Бутел, но ЗТР Запорожје се врати на 10:10, па дури се најде и во позитива од 12:13, но со серија од четири гола во пресрет на последните десет минути од средбата преку Мајиќ и Милошевски, Бутел дојде до ново водство од 16:13.

На две минути до крајот на мечот Младеновски донесе и највисоки четири гола предност, 18:14, кои беа и краен резултат, додека Мирко Мајиќ со 7 гола беше најефикасен ракометар во победата на Бутел.