На денешниот вечерен тренинг на нашата фудбалска репрезентација, голманите Дени илиев и Столе Димитриевски, ги споделија своите очекувања од дуелот со Словенија.

„Едно што можеме да гарантираме е дека ќе се бориме до крај за да дојдеме до 3 бода против Словенија. Јасно е дека Словенија има квалитетни играчи, кај нив успеавме да дојдеме до бод, а сега дома се надеваме дека ќе имаме предност и дека ќе имаме 12-ти играч, публиката на трибини“, вели нашиот млад голман, Дени Илиев.

Димитриевски е убеден дека позитивното расположение ќе се преточи и во резултатот од мечот кој следува.

„Прво мораме да го дадеме максимумот како тим и да се обидеме да ги освоиме трите бода. Наша цел се токму трите бода затоа што обврска е да се победи на домашен терен. Ова се директни ривали кои мора да ги добиеме за да одиме понатаму. За нас е секогаш мотивација да играме на домашен терен. Мора да го дадеме максимумот за да постигнеме гол и за да дојдеме до победа. Не размислуваме на пораз, позитивни сме на тој план, така што сите имаме шанси и треба да ги искористиме“, вели голманот на Рајо Ваљекано.