Можеби некој ќе каже дека во втората лига исток против Питу Гули е лесно да се потигнат пет гола. Пет гола е тешко денеска на тренинг да се дадат, а не па на натпревар.

А, Мартин Мирчевски од Беласица даде пет од осумте кои Беласица и ги даде на последнопласираниот тим, и несомнено тој е јунак на денот.

22-годишниот фудбалер имаше свое „шоу“ на тој натпревар и успеа да „испука“ пет парчиња во мрежата на Питу Гули. Сега тој е прв стрелец во Лигата со девет постигнати гола, и има одличен старт на сезоната во дресот на струмичкиот тим.

Дека овој играч игра одлична сезона не покажуваат само головите. Тој беше најзаслужен што Беласица пред почетокот на сезоната го освои пехарот од турнирот „Вуко Каров“. Токму Мирчевски беше прогласен за најдобар играч на турнирот.

Мирчевски во својата кариера играше за косовска Трепча, а претходно беше дел од Победа и од Пелистер. Момчето е инаку од Битола и потекнува од школата на битолските „зелени“, онаа прочуена школа која во изминатите децении извади многу квалитетни играчи.

Мирчевски има одлични настапи, а ако продолжи вака, тогаш сигурно ќе се најде на „мета“ на прволигашите. Имаше летоска и понуди од Тиквеш и од Брегалница, но Беласица не сакаше да „чуе“ да го пушти.