Македонската репрезентација до 21 година во Подгорица се подготвува за натпреварот против Црна Гора од квалификациите за Европското првенство 2021 година. По убедливиот триумф од 7:1 против Фарски Острови од отворањето на квалификацискиот циклус, нашата репрезентација се надева дека победничката низа ќе продолжи и по натпреварот на „ДГ“ арена во главниот град на Црна Гора. Дуелот со Црна Гора се игра на 10. октомври во 17:00 часот.

„Подготовките се одвиваат во најдобар ред. Најважно е што сите сме здрави, нема повредени и максимално сме посветени на тренинзите и исполнувањето на задачите од стручниот штаб. Би било идеално доколку со победа на гостински терен ги продолжиме квалификациите и ќе дадеме сè од себе тоа да го постигнеме. Треба да покажеме карактер и да го искористиме секој момент што како шанса ќе ни се укаже. Црна Гора е квалитетна репрезентација, доволно се познаваме, јасно ни е дека на домашен со ниту една селекција не е лесно, но ние имаме цел да победиме и се надевам дека тимски во тоа и ќе успееме“, изјави капитенот Јани Атанасов.

Истото мислење го дели и напаѓачот Дарко Чурлинов.

„Напорно се подготвуваме за двата натпревари кои ни следуваат, а посебно за дуелот со Црна Гора кој не очекува в четврток. Противникот е квалитетен, но сметам дека не е посилен од македонската репрезентација. Треба да одиграме „машки“ и многу фокусирано на секој дел од теренот. Иако отворивме во квалификациите со убедлива победа, сепак, имавме некои грешки и на тој натпревар што против Црна Гора не смееме да ги повториме. Битно е да одиграме како тим и сите заеднички да придонесеме во играта за да успееме да запишеме три бода“, вели Дарко Чурлинов.

Денеска македонската репрезентација ќе тренира од 16:00 часот, а официјалниот тренинг е утре од 17:00 часот.