Лучијано Спалети не може да го предводи Милан затоа што не сака да го прекине договорот со неговиот поранешен клуб Интер и да остане без средствата кои му ги должат „нероаѕурите“ до предвреме прекинатиот договор. Иако Милан и Спалети начелно се договориле за соработка, од Интер не сакаат да му исплатат ни евро на стратегот, доколку тој го раскине договорот со нив и замине во градскиот ривал.

Спалети откако беше разрешен од кормилото на Интер остана под договор со „нероаѕурите“ кои му ги исплаќаат обврските според договорот кој е со важност до 30 јуни 2021 година. Спалети сега не сака да го раскине договорот без да го добие она за што верува дека му следува од договореното со „нероаѕурите“.

Доколку тој потпише договор со друг клуб, тогаш договорот со Интер ќе престане да важи, а поранешниот клуб нема да мора да плати казна. Сега во Италија се зборува дека Милан почнал разговори со Стефано Пиоли. Негов последен клуб беше Фиорентина и би можел да го наследи Џампаоло на кого деновите на „Сан Сиро“ му се одбројани.