Кошаркарскиот второлигаш ТФТ во неделата беше домаќин на „Tafta BBQ event“, целодневен настан со кој клубот се обиде на еден поинаков начин да ја претстави кошарката, а истовремено и да го најави својот настап, втора сезона во низа, во Втората македонска кошаркарска лига.

Дека кошарката не е само игра, туку начин на живот… КК ТФТ и Тафта кру, го промовираа преку дружба во дворот на ОУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, поттикнувајќи соживот и дружба меѓу граѓаните во оваа скопска населба, со добра музика, забава за сите и добра скара.

Настанот доби поддршка од градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, како и директорката на ОУ „Јан Амос Коменски“, Маја Старова, а беше поздравен и од првиот човек на КФСМ, Перо Антиќ.