На официјалната прес-конференција пред дуелот со Словенија, селекторот Игор Ангеловски рече дека не може однапред да знае со каков резултат ќе заврши мечот, но ветува дека неговите избраници ќе дадат максимум, ќе се борат на секоја педа од теренот за да дојдат до добар резултат.

„Можам да кажам дека фудбалерите ќе се борат во секоја педа од теренот и подготвени сме за добар резултат. Не знам Словенците што зборуваат, и не ме интересира. Фудбалски од ростерот не се различни и двете репрезентации од првиот меч. Но сосема е поинаку кога доаѓаш после три победи, самодовербата е поголема, но не можам да кажам дека и ние немаме самодоверба, затоа што играме одлично во серија.

Играат две селекции кои доволно се познаваат, нормално со некои изненадувања со кои ќе посегнам јас и противничкиот селектор. Ситуацијата со играчите е таква каква што е… Тие се фудбалерите, ќе излезат 11 фудбалери подготвени за борба, за она што сите го посакуваме. Воопшто не се сомневам дека утре нашите играчи ќе го извадат последниот атом се со цел да го направат она што македонската јавност го посакува.

Ниту планирам колку бодови ќе освоиме на овие два натпревар, ниту кое место ќе бидеме на табелата, концентриран сум само како да ја добиеме Словенија. Тренер сум што мислам само од натпревар на натпревар. Се надевам дека само на победа, а потоа мислите ќе ги насочиме кон Полска“, рече Ангеловски.