Кил е следниот противник на Вардар во Лигата на шампионите, дуелот се игра во сабота, а интересот очекувано е голем. Регуларните билети веќе одамна се распродадени, од таборот на македонскиот тим во продажба пуштија дополнителни карти.

Во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде вистински пекол за бундес-лигашот, а како одминуваат деновите фановите на „црвено-црните“ стануваат се погласни, дел од нив се обидоа преку социјалните мрежи да го испровоцираат противникот.

Битката меѓу Вардар и Кил почна порано. Победата и за двата тима е важна. Вардар со два бода ќе се зацврсти на врвот, додека Кил со триумф ќе го симне европскиот првак од првото место во групата Б.

Доста интересно е што провокацијата на официјалната „Фејсбук“ страница на Кил доаѓа од припадничка на понежниот пол. Навивачката на Вардар испрати порака дека „зебрите“ ќе бидат уништени во Скопје.

Веднаш следеше одговор од страна на исто така страствена навивачка на Кил: Исто како што тоа го направија на Супер Глоуб?, праша Германката.

Последната пресметка ја добија „зебрите“ токму на Супер Глоуб, но помина многу време, избраниците на Давид Писонеро има што да покажат.

За разлика од Кил, Вардар на оваа средба ќе влезе далеку поодморен. Германскиот тим утре игра меч од домашниот шампионат, па следниот ден ќе допатува во Скопје.