Се прават анализи на двете страни. Иако не е меч на неделата, сепак голем дел од погледите во ракометна Европа се свртени кон Скопје. Во сабота во СЦ „Јане Сандански“ силите ќе ги одмерат Вардар и Кил за првото место во групата Б.

Атмосферата на големо се загрева, за првпат оваа сезона „вулканот ќе еруптира“, веќе на сите им е добро познат пеколот во Скопје.

Германската ракометна легенда, Стефан Кечмар во анализата за она што ги очекува бундес-лигашите овој викенд ја потенцираше токму атмосферата во СЦ „Јане Сандански“, но и она умешност да Вардар, по секое заминување на дел од играчите да создаде нов тим кој одново ќе се издигне и ќе направи вистински бум.

„Кил го чека битка со Вардар, освојувачот на титулата во Лигата на шампионите. Станува збор за европски врвен тим, кој одново е кандидат за пласман на Ф4. Секоја година губи по некој играч, но одново знае како да создаде тим кој ќе “гризе“, кој има желба и кој игра бунтовно.

Домашните фанови на трибините прават неверојатна атмосфера, вистински пекол за противниците. Токму затоа Кил го очекува тешка задача, но од друга страна успеа да го мине Веспрем..“, се вели во анализата на Кечмар.

Билети за оваа средба се уште може да се набават, Вардар пушти дополнителни 500 карти за своите фанови откако претходно беа распродадени оние за седење.