МЗТ Скопје денеска (18 часот) го игра вториот меч во АБА 2-лига. Ѓорѓи Кочов и неговите избраници му гостуваат на добро познатиот противник, тимот на Спарс.  Минатата сезона македонскиот првак ги доби сите четири пресметки, победите во Сараево не се непознати за аеродромци.

И двата тима влегуваат со промени во составите, па токму затоа младиот тренер на МЗТ Скопје од играчите бара на овој дуел да пристпат сериозно без потценување.

„Без разлика на тоа што двата клуба добро се познаваат од минатата сезона во која одиграа четири натпревари, ова ќе биде поинаква пресметка, и ние и Спарс направија големи промени и имаат речиси нови ростери. Спарс има млада, но талентирана и физички силна екипа, која мора да се респектира. Од моите кошаркари очекувам сериозен пристап и превземање на големата одговорност која е пред нив“, рече Кочов.

На стартот на јадранското второлигашко друштво, МЗТ Скопје на домашен терен ја совлада Слобода Тузла во феноменална партија на Нуни Омот, кој беше прогласен за МВП на колото.