ФК Работнички и Ненад Монев во нов европски предизвик. Еден од нашите најтрофејни клубови и дефинитивно е рамо до рамо со елитните европски фудбалски клубови. Како што СПОРТМЕДИА неофицијално дознава Управниот Одбор на Европската Клупска Асоцијација (ЕКА), ја прифатил кандидатурата на Генералниот Секретар на ФК Работнички, Ненад  Монев кој е избран за член на Комитетот на ЕКА за социјален дијалог, со мандат во наредните четири години. Во овој комитет, кој е составен од пет члена, координатор е Потпретседателот на англискиот фудбалски гигант Манчестер Сити. По автоматизам, со овој избор Монев и Работнички стануваат членови на Работната група за институционални односи на ЕКА, во друштво на претставниците на Барселона, Челзи, ПСЖ, Интер, Рома, Реал Сосиедат, Галатасарај…

Секако дека ова е голема чест за Монев и ФК Работнички, веројатно ова е своевидна награда за нивната работа и учество години наназад во ЕКА. На ова ниво само Монев и ФК Работнички успеале да стигнат од останатите наши клубови. За потсетување, ЕКА е асоцијација на најуспешните клубови од секоја држава во Европа, каде пред извесно време, на Генералното Собрание во Женева, за претседател беше реизбран, Претседателот на Јувентус Андреа Ањели.

КОМИТЕТ ЗА СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ (SDC)

Социјалниот дијалог на ЕУ е платформа што ја нуди Европската комисија за претставници од вработените и од работодавачите на одредена индустрија, во случајов фудбалската индустрија, односно клубскиот фудбал на највисоко европско ниво, да разговараат и да се договорат за социјалните и работните услови на ниво на Европската унија. Социјалниот дијалог на ЕУ во професионалниот фудбал е основан во 2008 година. Работодавците ги претставуваат и Европската Клубска Асоцијација (ЕКА) и Унија на Европските професионални лиги (ЕПФЛ), додека вработените се претставени од ФИФПро дивизија Европа. Членовите на ЕКА во Комитетот за социјален дијалог на ЕУ го известуваат УО на ЕКА за сите случувања во социјалниот дијалог на ЕУ и ја завземаат позицијата на УО кога се занимаваат со прашања од социјалниот дијалог на ниво на ЕУ. Воедно , комитетот работи во тесна поврзаност со Комитетите на УЕФА и ФИФА.

РАБОТНА ГРУПА ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ОДНОСИ (IR WG)

Мисијата на Работната група за институционални односи е да испита како Европската Клубска Асоцијација (ЕКА), може најдобро да се вклучи и да се пронајде во соработката со различните фудбалски опкружувачи во Европа и пошироко и да разгледува начини за најдобро позиционирање на клупските интереси во рамките на глобалното опкружување во модерниот фудбал, денес и во иднина.