Гостувањето на Словенија во Скопје од една страна е шанса за овој наш противник да го поправи впечатокот од првиот меѓусебен дуел, но од друга страна свесни се Словенците дека не смеат да ја потценат Македонија, посебно не по она што го прикажа во претходните два натпревари против Израел и Летонија во циклусот за ЕУРО 2020.

Дека ги чека мотивирана и силна Македонија предупреди голманот Јан Облак.

„Очекуваме добар меч. Се надевам дека се ќе биде во најдобар ред, затоа што дојдовме во Скопје по бодови и да одиграме еден добар натпревар… Македонија ни покажа дека е добар тим уште во Словенија. Ние тогаш не одигравме како што треба. Тука се игра пред добра публика, во добра атмосфера и ќе се обидеме пред се да го поправиме нашиот впечаток. Македонија ја гледаме од поинаков агол. Таа сега е далеку помотивирана по септемвриските успеси и мислам дека нема да се залетуваат туку ќе одиграат многу квалитетен натпревар“, констатираше чуварот на голот на Словенија.