Прволигашките одбојкарски клубови се собраа на почетокот на неделава за да прецизираат дека машката лига со девет екипи ќе стартува на 26 октомври, додека женска која брои 12 клубови ќе почне викендот 19/20 октомври.

Шкендија е новитет во најсилното машко друштво, која се враќа на сцената. Клубовите се договорија првиот дел од сезоната да се игра еднокружен бод систем по Бергер и полусезоната да заврши на 7 декември. Вториот дел пак, екипите од првото до шестото место на табелата ќе разигруваат по двокружен бод систем (дома-гости) од каде најдобрите четири екипи ќе играат полуфинале на плеј-оф (прв со четврти, втор со трет), а најдобрите два тима во три добиени натпревари ќе се борат за шампионската титула.

Екипите од седмо до деветто место, пак, ќе играат четворокружно за да го дефинираат својот пласман во Лигата.

Женската лига ќе има сличен систем, односно првиот дел од сезоната кој ќе трае до 21 декември ќе се игра со еднокружен бод систем, додека пролетниот дел ќе играат во две групи. Првите од 1 до 6 место ќе играат двокружно (дома-гости), а потоа најдобрите четири екипи ќе бидат дел од полуфиналето на плеј-офот (прв со четврти, втор со трет). Победниците во плеј-оф двомечот ќе разигруваат за шампионската титула во три добиени натпревари. Екипите од 7 до 12 место исто така ќе играат двокружно (дома-гости) и ќе го дефинираат својот пласман во Лигата.