Капитенот Горан Пандев, искажа оптимизам пред утрешниот дуел со Словенците. Тој истакна дека ако Словенија се надева на пласман на второто место, тогаш треба да се надеваме и ние, затоа што Словенија не е ништо подобра од нас.

„Атмосферата во репрезентацијата е на највисоко ниво, со нетрпение го чекаме натпреварот. Знаеме што носи победа, и желни сме да го дадеме максимумот. Да докажеме дека оваа генерација заслужува да игра на големо натпреварување.

Ако Словенците се надеваат дека може да бидат втори во групата тогаш можеме и ние. Не гледам во кој дел Словенија е подобра од нашата селекција. Игравме со нив и покажавме дека можеме, а тие не се ништо посебно. Мислам дека и ние нема да се предадеме, и знаеме со каков квалитет располагаме. Ни недостасуваат 2-3 клучни играчи, но без секој се може, се надевам дека ќе изгинеме на теренот“, рече Пандев кој порача на стадионот да дојдат луѓе кои вистински ја сакаат селекцијата, а не негативни кои само напаѓаат.

„Не ни требаат луѓе кои се негативни и кои напаѓаат. Не е важно колку луѓе ќе дојдат, туку да дојдат оние кои вистински ја сакаат репрезентацијата“, изјави капитенот на прес-конференцијата.