Само десетина дена по одржувањето на БВА купот, Струмица во следните два дена ќе биде домаќин на нов меѓународен одбојкарски настан, поточно премиерното издание на меморијалниот меѓународен турнир „Горан Панов – Близнако“ во организација на Џио Струмица.

Носителот на двојната круна одлучи да го слави ликот и делото на струмичкиот одбојкар кој лани замина во легендите, а тоа ќе го стори со силен меморијал на 11 и 12 октомври на кој покрај домаќиот ќе настапат Будуќност од Подгорица, Црна Гора, Борац од Бања Лука, БиХ, како и Пирин од Разлог, Бугарија.

В петок во 17 часот, во првото полуфинале ќе играат Пирин со Будуќност, додека Џио Струмица го пречекува Борац од 19:30 часот. Мечот за третото место и финалето се играат в сабота со истите термини.

Џио Струмица се надева дека премиерното издание ќе прерасне во традиција, со која секоја година ќе му оддава чест на Близнако за придонесот за струмичката и македонската одбојка.